Од Општина Струга информираат дека на 16 март ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко „Ауди А6“ со почетна цена од 1.344.636 денари или околу 21.800 евра.
Аукцијата, како што соопштуваат од општинската прес-служба, ќе почне во 10 часот на интернет страницата e-stvari.mk.
„Конечно, многу коментираниот автомобил на поранешниот градоначалник на Општина Струга ќе им се врати на граѓаните на Струга.
Преку продажбата на ова возило, кое стана вирално во медиумите во земјата и пошироко како автомобилот „со волан од змиска кожа“ или како „убавата кола“, овој подвижен имот ќе се претвори во финансиска ликвидност во буџетот на Општина Струга“.
Со средствата од продажбата на автомобилот, како што информираат, ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот.
„Општина Струга ги информира сите граѓани на Струга и пошироко дека на 16.03.2026 година, со почеток во 10:00 часот, на интернет страницата e-stvari.mk, ќе се одржи аукција за продажба на возилото, автомобил тип Audi, модел A6.
Огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети – патничко моторно возило, преку електронска аукција (прва објава), веќе е објавен и во Службен весник.
Почетната вредност за наддавање на аукцијата за ова возило, според проценката на овластен експерт, изнесува 1.344.636,00 денари, односно околу 21.800 евра.
Градоначалникот на Општина Струга, г. Менди Ќура, од првиот ден од преземањето на функцијата, ниту еднаш не ги користел автомобилите од возниот парк на Општина Струга, со цел максимална рационализација на високите трошоци создадени низ годините.
Воедно, ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги демантираме невистинитите информации објавени претходно во јавноста, кои тврдеа дека почетната проценка на возилото е под пазарната цена.
Ги покануваме сите заинтересирани страни да учествуваат на соодветната аукција.
На аукцијата ќе бидат објавени сите информации за возилото, како и потребните упатства за аплицирање“.
Текстот Со процена од околу 21.800 евра, „аудито“ на Мерко ќе се продава на аукција, објавија од општината е превземен од МАКФАКС.






