Спасовски на увид во градбата на новата полициска станица во Аеродром: трет објект на низата нови градби на МВР

Спасовски на увид во градбата на новата полициска станица во Аеродром: трет објект на низата нови градби на МВР

пред 1 година

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ ја посетија локацијата каде што пред три и пол месеци официјално отпочна градбата на нов објект на МВР – Полициската станица од општа надлежност Аеродром, во рамки на Секторот за внатрешни работи Скопје, со цел увид во градежните активности за овој објект.

„Од она што може да се види на лице место, активностите напредуваат одлично, односно се во далеку понапредна фаза од предвидената. Новата Полициската станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, како и по неодамна промовираната најсовремена Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР”, рече министерот Спасовски.

Истакнувајќи дека за првпат по повеќе децении се гради нова полициска станица во Аеродром, Спасовски информираше за предвидените цели на проектот.

„Станицата која овде ја градиме од темел е уште една реализација согласно планот за континуирано подобрување на условите за работа на вработените во Министерството за внатрешни работи, а локацијата е на местото на старата барака, која што беше со висок степен на амортизираност, лоши услови за работа и многу мала корисна вредност. Оваа станица ќе биде една од најголемите и ќе покрива подрачје со најголем број жители во главниот град на државата. Според проектот, новата полициска станица е предвидено да биде изведена на површина од 3.500 квадратни метри, и ќе претставува нов модерен објект според највисоките стандарди на полициско работење, што ќе соодветствува и на потребите на жителите на Аеродром. За првпат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека проектот е во рамки на концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина”.

„Новиот објект, со вкупна вредност од околу 130 милиони денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија, според предвидените рокови за изградба, треба да е готов најдоцна до крајот на 2025 година, а претставува продолжување на концептот ‘Сината униформа дејствува за зелена околина’, односно е во согласност со стандардите за енергетска ефикасност. Во рамки на проектот предвиден е и потребниот паркинг простор кој е интегриран помеѓу веќе постоечкото зеленило, кое ќе биде задржано на локацијата. Со овие два сегмента даваме свој придонес кон остварување на Владината политика за енергетска ефикасност, но и водиме сметка за зачувување на животната средина”, подвлече министерот Спасовски.

Во оваа прилика Спасовски потсети дека динамиката на капиталните инвестиции во ресорот МВР преку реконструкции и изградба на објекти во изминатиов период резултираше со 80 реновирани енергетски ефикасни објекти на МВР низ државата, во кои се вложени 8 милиони евра, како уште еден јасен показател за посветеноста кон унапредување на работните услови на вработените, затоа што за ова раководство на МВР важи максимата „Задоволна полиција-безбедни граѓани”. Воедно, Спасовски истакна дека се продолжува со несмалено темпо на уште две крупни реконструкции – на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во МТВ.

Текстот Спасовски на увид во градбата на новата полициска станица во Аеродром: трет објект на низата нови градби на МВР е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top