Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на регионалната конференција „Европска безбедност: Како да се искористи новиот моментум за проширување на ЕУ на Западен Балкан?”, во рамки на сесијата „Моментална геополитичка состојба- импликации за Западниот Балкан“ .
Истакнувајќи дека во моментов безбедносната состојба е стабилна и како Министерство за внатрешни работи будно се следат сите случувања, Спасовски рече дека примерите за безбедносните ризици по нашата држава, по регионот на Западен Балкан и целото европско копно се неброени и меѓусебно поврзани.
„Согласно стратешките документи и проценки во денешно, мирнодопско време, минимална е веројатноста од вооружена агресија како директна закана по суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Во услови на глобализацијата и демографската промена, државите во моментов се поранливи од загрозувања асиметрични, хибридни и сајбер загрозувања и загрозувања од недржавни актери од невоена природа, природните непогоди, технолошките катастрофи, епидемии. Во однос на идентификуваните безбедносни предизвици, закани и ризици неопходно е Република Северна Македонија континуирано да гради отпорност, капацитети и способности за одговор на истите. Под терминот „хибридни закани“ се опфатени широк спектар на мерки, алатки и техники, во кои се вклучени дезинформации, сајбер напади, манипулација со меѓународното право, тероризам, шпионажа, саботажа, политичка субверзија, корупција, организиран криминал, миграции, економски притисок. Хибридните напади користат манипулации, со цел да извршат одредено влијание во полза на одреден центар на моќ. Целта на хибридните напади е да влијаат врз јавноста (ширење на несигурност, страв, паника и недоверба кон институциите) или процесите, кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки”, истакна Спасовски.
Осврнувајќи се на заканите од ваков вид, Спасовски истакна дека Република Северна Македонија беше соочена пред членството во НАТО , за време на Корона вирусот, со руската агресија врз Украина, како и процесите за членството во ЕУ. Тој додаде и дека НАТО постојано се координира со сојузниците, се споделуваат информации и јавно се побиваат лажните тврдења, со разоткривањето на главните наративи за дезинформации за НАТО и со вклучување на медиумите.
„Врз основа на препораките на ЕУ, Владата во декември 2021 година ја усвои Националната стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани (2021-2025) која вклучува широк опсег на активности за справување со предизвиците на дезинформации и хибридни закани. По однос на интензивните хибридни напади кои што почнаа да ни се случуваат од октомври минатата година, па се до март оваа година, донесовме Протокол/правилник за постапување при лажни дојави со бомби на територијата на целата држава. Повеќе од 720 објекти беа таргет на 964 лажни дојави кои што ги имавме, испратени од преку 60 различни е-маил адреси. Министерството за внатрешни работи во полн капацитет активно работеше на идентификација и пронаоѓање на можните сторители чија цел беше ширење на паника помеѓу граѓаните”, рече Спасовски, потсетувајќи дека креиран е оперативен тим кој што работеше во рамките на Владата, во која што се вклучени сите институции МВР, АНБ и Агенцијата за разузнавање, МО-ВСИР и сите релевантни структури со свои експерти со кои што практично беа разменети сите податоци и информации и соодветни решенија, се со цел да имаме поинаков пристап во однос на дојавите за бомби кои пристигнуваа по електронски пат. Притоа, тој посочеи дека беше донесено посебно Упатство за постапување во вакви случаи и дека на основа на тоа ново упатство и координацијата и соработката со МОН е на исклучително високо ниво.
Спасовски истакна дека високо на агендата е и борбата против организиран криминал и корупција, јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги.
„Високо на нашата агенда секако дека е елиминирањето на хибридните закани, тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата преку зајакнување и унапредување на механизмите за борба против организиран криминал и корупција. Вреди да се спомене дека изминатиот период се насочивме кон јакнење на националните капацитети за водење финансиски истраги, а уште повеќе пред нас стои обврската да ги зајакнеме структурите и капацитетите за конфискација на незаконски стекнатиот имот. Ја исполнивме нашата цел и формиравме специјализирани единици во надлежните институции, специјално обучени и фокусирани за водење финансиски истраги, паралелно со истрагите за организиран криминал”, рече Спасовски.
Во однос на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, Спасовски рече:
„Со јакнењето на координативните структури за борба против тероризмот и насилниот екстремизам, преку назначувањето на Национален координатор за борба против тероризам и спречување на насилен екстремизам, неговите двајца заменици и формирањето на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам обезбедивме структура која обезбедува поддршка и континуирано ја следи и анализира состојбата со насилниот екстремизам, радикализацијата и борбата против тероризмот”, истакна Спасовски, додавајќи дека беше даден приоритет, меѓу другото и на продлабочување на регионалната и меѓународната соработка.
„Зајакнувањето на меѓународната соработка е еден од основните предуслови за успешна борба против транснационалниот организиран криминал. Во однос на оперативната соработка настојуваме да го зголемиме нашето учество во билатерални или мултитерални операции и да ја интензивираме размената на оперативни информации во рамки Европол, земјите членки на ЕУ и оперативните партнери за соработка. Во овој контекст, Република Северна Македонија останува отворена за соработка и со другите држави од регионот на Западен Балкан и секако ги поддржуваме заложбите за поголема регионална соработка”, рече Спасовски.
На крајот Спасовски истакна дека како земја партнер на ЕУ и кандидат за членство во ЕУ, ја споделуваме одговорноста и ангажманот на ЕУ од аспект на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничниот криминал.
„Во овој контекст морам да го споменам Договорот со ФРОНТЕКС, со чие стапување на сила се овозможи, на барање на нашата држава, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со нашите полициските службеници, што придонесува кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс. Во овој дел, би сакал да споделам дека на 19.04.2023 година отпочна Заедничката операција на Фронтекс- „Заедничка операција Северна Македонија 2023“ која е вистински пример за ефикасна оперативна соработка”, истакна Спасовски, со уверување дека многу наскоро ќе добиеме нови одредници како резултат на преговорите за пристапување во ЕУ, кои ќе придонесат кон континуирано реформирање, напредок и конечно усогласување со европските стандарди, со цел обезбедување поголема безбедност, а со тоа и подобар и поквалитетен живот за сите.
Текстот Спасовски: Неопходно e континуирано да градиме отпорност, капацитети и способности за одговор на хибридните закани е превземен од МАКФАКС.