Спасовски: Успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија

Спасовски: Успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија

пред 6 месеци

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предводи делегација од МВР на 24. Состанок на Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) кој се одржува во Белград, Србија, на тема „Кон практичната примена на Договорот за автоматизирана размена на податоци – мини Прум: Во исчекување на првите оперативни резултати“.

„Сметам дека соработката во рамки на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа и Договорот за автоматизирана размена на податоци претставува додадена вредност – првенствено од практичен аспект во однос на интензивирање и воведување нов квалитет на безбедносната соработка и осигурување ефективни криминалистички истраги и менаџирање со безбедносни закани и предизвици, а дополнително – дадена во поширок контекст – е олицетворение односно манифестирање политичка волја и подготвеност за соработка и имплементирање на веќе воспоставени европски практики”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање на првата сесија. Притоа, тој потсети на потпишувањето на Мини Прум Договорот, со убеденост дека успешната имплементација и подготвеност за соработка во рамки на Договорот за автоматизирана размена на податоци, кои Република Северна Македонија ги манифестираше во неколку наврати, интензивно работејќи на повеќе нивоа и вложувајќи значителен обем и сопствени финансиски средства, се доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија, како дополнителен контрибуторен фактор за забрзување на нашата европска интеграција.

„Северна Македонија, во изминатиот период сериозно пристапи кон искористување на можностите кои ги нуди соработката во рамки на КПС ЈИЕ. Во таа смисла и впрочем потенцирав пред малку дека Министерството за внатрешни работи одвои значителни финансиски средства за создавање на сите технички предуслови за ефектуирање на размената на податоци. Така, во Министерството во завршна фаза е набавката и инсталацијата на нов компјутерски систем за автоматизирана идентификација на биометриски податоци (АБИС), кој вклучува отпечатоци од лица, траги од папиларни линии од место на настан и фотографии од регистрирани лица и непознати ликови. Една од клучните компоненти при неговото техничко специфицирање беше и барањето за техничка можност за поврзување во мрежата на Конвенцијата, кое е направено според техничките протоколи на Прум-ската Конвенција”, истакна министерот Спасовски, дополнувајќи за системите КОДИС и ТЕСТА.

„Исто така, со поддршка на Американската Амбасада во Скопје и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ, набавен е и системот за автоматизирана размена на ДНК податоци – КОДИС, а веќе се одржа и основна обука за негово користење од страна на соодветни експерти. Од значење за поврзувањето на наведените системи е фактот дека опремата за TESTA физички се наоѓа во просториите на Министерството за внатрешни работи, но е под административна надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација. Во тек се активности во Министерството за воспоставување контакт со надлежните инстанци на Европската Унија од аспект на обезбедување прецизни чекори за натамошните неопходни административни и технички побарувања за поврзување на двата споменати системи преку TESTA”, рече министерот Спасовски на крајот од своето обраќање, заблагодарувајќи се на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа за досегашната поддршка и ангажман во олеснувањето на оперативната комуникација и работата на полициските служби на Југоисточна Европа.

Текстот Спасовски: Успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top