„Срамно и безидејно е да се глуми после војна, генерали“, реагираат од „Идеа лаб“ на обвинувањата од СДСМ

пред 22 часа

По екстремно успешно организираниот Европски младински олимписки фестивал, за кого добивме потврда лично од претседателот на Европскиот олимписки комитет, политичките превирања не престануваат да ја дезинформираат јавноста со небулози, велат од ПР-агенцијата „Идеа лаб“, по прес – конференцијата на Јовица Јанковиќ од СДСМ кој кажа дека владата немала пари за младите на олимпијада ама имала за ПР агенции на власта.

„Имено, денеска на прес-конференција политичката партија СДСМ излезе со податок дека нашата агенција е ангажирана за промоција на фестивалот со финансиски надомест од Министерството за спорт, што е апсолутна невистина. Имено, точно е дека бевме ангажирани во делот на промоција на фестивалот, но ангажманот го добивме од Македонскиот олимписки комитет и тоа во делот на: промоција на настанот на социјални мрежи, изработка и координација на фан зоните, координација и организација на церемонија на отворање, затворање и церемонии на доделување медали“, се наведува во реакцијата.

Од „Идеа лаб“ велат дека за истиот ангажман на месечно ниво, доставува фактури до МОК за испорачаните услуги.

„Срамно и безидејно е да се глуми после војна, генерали. За фестивалот споменат на денешната прес-конференција добивме лично признание од Спирос Капралос, за најдобра одржана церемонија на отворање од 1991 година до денеска. Наместо да се зборува тоа, во медиумите, се шират лаги и невистини. Кога веќе некој решил да ни прави бесплатна реклама, можеше да спомене дека и во 2023 година, работевме на „Преспа Форум Дијалог“, кога партијата која денеска нѐ прозива, а тогаш беше на власт, нѐ ангажираше преку Министерството за надворешни работи. Во 2021 година Идеа Лаб работеше на проекти за Општина Аеродром кога локалната власт беше во рацете на партијата која денеска одржа небулозна прес-конференција. Искрено, Ве замолувам да не нè вмешувате во вашите политички превирања. Ние сме комерцијален субјект и за нашиот ангажман е неважна политичката определба, туку резултатите кои ќе ги испорачаме пред клиентот“, изјави Димитар Атанасовски, управител на ПР и маркетинг агенцијата „Идеа Лаб“.

Текстот „Срамно и безидејно е да се глуми после војна, генерали“, реагираат од „Идеа лаб“ на обвинувањата од СДСМ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top