Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на СОС Детско село Македонија по повод одбележувањето на 25-годишнината од постоењето и работата на организацијата.
Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј до вработените, соработниците и поддржувачите на организацијата, посакувајќи им понатамошен успех во остварувањето на стратешките приоритети.
Соговорниците ја запознаа претседателката со досегашните резултати од работата, со тековните програми и активности, како и со предизвиците во обезбедувањето поддршка на децата без родителска грижа, младите и семејствата во социјален ризик.
Според нив, особено важна е психосоцијалната поддршка на младите по напуштањето на системот за згрижување, при развивањето животни и професионални вештини, продолжување на образованието, вработувањето и домувањето.
Претседателката оцени дека во изминатите 25 години СОС Детско село со својата работа претставува пример за посветеност, хуманост и професионален пристап во грижата за децата во ризик.
За неа, организацијата има особен придонес во промоцијата на семејните вредности преку креирање семеен модел на алтернативна грижа.
За продолжување на оваа значајна мисија, таа смета дека е потребно партнерство меѓу институциите и граѓанскиот сектор, со цел креирање на одржливи решенија за долгорочна грижа и поддршка на децата и младите.
На крајот, претседателката нагласи дека со заедничка соработка и поддршка може да се обезбеди секое дете да расте во семејство опкружено со љубов, почит и чувство на сигурност.
Текстот Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на СОС Детско село Македонија е превземен од МАКФАКС.





