Дрисла, претпријатие за справување со отпад, кое во опис на работата има потреба од градежна машинерија и ја има, ја поседува, за само две години 2019 и 2020 година, исплаќа речиси еден милион евра за изнајмување на багери, на градежни машини, рече на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Сотилковски.
Тој обвини дека парите ги добил братучед на поранешниот генерален секретар на Владата на СДСМ, Драги Рашковски, додека со Дрисла, како што кажа, директорувал кадар на СДСМ.
„Институциите како Јавното обвинителство и ДКСК мора да одговорат дали единствената причина зад фактурите од 850 илјади евра, за две години, испратени од струмичката фирма до Дрисла, лежи во крвното сродство меѓу Драги Рашковски и Александар Пиперевалиев? Дали врската со Рашковски била причината 850 илјади евра да бидат исплатени на Пиперевалиев, наместо одржување на машинеријата на Дрисла“, јавно праша партискиот потртпарол.
Тој нагласи дека со договор во четири очи, фирмата која, како што рече, нема ниту 12 вработени, за две години фактурирала 850 илјади евра.
„Договори меѓу Дрисла и братучед на генерален секретар на владата на СДСМ за изнајмување на багери за Дрисла која што и сама поседува механизација“, истакна Стоилковски според кого, СДСМ не може да го сокрие криминалот во своите редови, сè додека, како што рече, со институциите владеат истите лица.