Стопанската комора: Мерките кои се носат да не го нарушат оперативното работење на компаниите

пред 2 години

Kомпаниите членки на Стопанската комора од редот на трговците со нафта и нафтени деривати, апелираат за наоѓање на заедничко решение со Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи, како што велат, тие во овој момент работат со загуба, односно набавната цена е поголема од продажната.

Деловните субјекти од овој сектор ја поздравуваат одлуката за дневно регулирање на цените на нафтените деривати, но забележуваат на намалувањето на трговската маржа за 33%, која од 4,5 денари сега изнесува 3 денари од литар што претставува историски најниско ниво на досега утврдена трговска маржа кај трговците со нафтени деривати.

Ваквата одлука по укажување на компаниите ќе го поремети нивното оперативно работење со што би се довеле во прашање егзистенцијата и понатамошното функционирање на трговците како и целиот енергетски пазар бидејќи истите со секој продаден литар гориво генерираат загуби. Воедно нејасно е зошто рокот за враќање на маржата не е ставен во правилникот (во еден момент регулаторот вели дека ќе се сменат маржите кога ќе се сменат законите а од друга страна дека сепак ќе зависи од цената на светските берзи), со што се влева недоверба кај трговците кои набавката на дериватите ја финансираат со сопствени средства.

Во целиот изминат две годишен период на траење на кризата предизвикана од Корона вирусот, компаниите од овој сектор не ги користеа владините мерки за поддршка кои се носеа за деловните субјекти и своето работење го организираат континуирано и непречено и во неизвесни економски услови и затоа нивното размислување е дека сега не е момент да се креираат мерки со кои ќе се обременува нивното работење.

Share
Scroll to Top