Стојановска: Владејачкото мнозинство вчера го покажа своето вистинско лице и гласаше против зголемување на пензиите

пред 2 години

Лицемерието и дволичноста на СДСМ го достигна врвот. Владејачкото мнозинство вчера го покажа своето вистинско лице и гласаше против зголемување и усогласување на пензиите, обвини Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

„ Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог на закон за дополнување на законот за пензиско и инвалидско осигурување по скратена постапка со кој сметавме дека е потребно итно зголемување и усогласување на пензиите почнувајќи од април оваа година.

Инфлацијата и зголемувањето на цените на многу производи од секојдневниот живот, зголемувањето на сметките за електрична енергија, како и поскапувањето на парното греење, доведоа до тоа граѓаните едвај да врзуваат крај со крај. Токму неспособноста на СДСМ е главниот виновник за ценовните шокови кои удрија директно по џебот на граѓаните.

Имајќи го во предвид фактот дека во изминативе месеци незапирливо растат цените на секое поле кои што се од витално значење за пензионерите, ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата баравме итно да се реагира и да се зголеми старосната пензија и сите останати видови на пензија. Со нашиот предлог на закон баравме веднаш сите видови на пензии согласно законот да се усогласат на начин што вкупниот износ на исплата на пензии за април 2022 година би се зголемил за 20% односно по околу 3000 денари од пензионер“ рече Стојановска.

Според неа, овој предлог е брзо решение и има за цел да се анулираат лошите ефекти од кризата и пензионерите да не почувствуваат негативни ефекти од зголемените цени.

„ Сепак, во СДСМ тоа не ги интересира и мува не ги лази. Затоа, македонската јавност и сите пензионери во Република Македонија мора да ја знаат вистината дека оваа власт предводена од СДСМ на вчерашната пленарна седница без ни малку срам и одговорност за ситуацијата во која што ја доведе Македонија и сите граѓани, го одби нашиот предлог за зголемување и усогласување на пензиите. Тие и владејачкото мнозинство и понатаму продолжуваат со лошата економска политика и со лошото менаџирање со државата, а жртви на тоа се сите граѓани на Република Македонија“ изјави Стојановска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до власта да ги симне розовите очила, да и погледне на реалноста во очи и конечно да почне да работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на своите лични бизниси и лично богатење, заклучи таа.

Share
Scroll to Top