Стојкова Серафимовска: Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени

пред 2 години

Денес завршува амандманската распрва по Предлог Буџетот за 2022 година по која може да се заклучи дека на власта, предводена од СДСМ и зелените ДУИ и ДОМ, воопшто не и е приоритет здравата животна средина и чистиот воздух кој, за жал, ние граѓаните не го дишеме, реагираше на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска.

„За Буџетот за 2022 година пратениците од Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија поднесоа десетици Амандмани кои се однесуваат токму на подобрување на животната средина, почист воздух, енергетика и помош на граѓаните и компаниите во справувањето со енергетската криза која веќе започна и допрва ќе се влошува. Сите овие Амандмани беа направени во соработка со експерти, како и со претставници од граѓански организации чија дејност е од соодветните области“, истакна таа.

Според неа и покрај тоа што власта постојано се промовира како граѓански ориентирана, се чини дека тоа го прави само декларативно на хартија и на прес конференции бидејќи во реалноста, конретно во креирањето на државниот Буџет за 2022 година, поголемиот дел од овие Амандмани беа одбиени од страна на Министерството за финансии и неизгласани од страна на пратениците од власта. Најчестото образложение за тоа беше дека за овие предлози веќе има издвоено средства во владината програма „Зелен развој“, додаде пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.

„Програмата „Зелен развој“ е воведена во 2021 година и за истата биле определени 11 000 000 евра за проекти од областа на екологијата, животната средина и енергетика. Тоа беше планот, но реализација нема бидејќи таква програма во 2021 година ниту се донесе, ниту се објави, ниту пак се реализираше. Притоа, парите од граѓаните се потрошени, но никој не знае каде и за што“, потсети таа.

Затоа апелираше до сите пратеници во Собранието заеднички да побараат од Владата во најкус можен рок, поточно пред почетокот на собраниската расправа за Буџетот за 2022 година, да ја достави Предлог програмата со наслов „Зелен развој“ за која се предвидени 28 милиони евра.

„Со оглед на тоа дека оваа мистериозна програма се однесува на најважното нешто, а тоа е здравата животна средина и чистиот воздух, граѓаните имаат апсолутно право да знаат каде и како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени“, додаде Стојкова Серафимовска .

Share
Scroll to Top