Справувањето со илегалната миграција е еден од врвните предизвици и приоритети во работата на Министерството за внатрешни работи, за што говори и статистиката на преземени дејствија и резултати во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година, велат од МВР.
„Во овој период сузбиени се 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 физички лица и 18 правни лица. Откриени се 64 случаи на криумчарење мигранти, на околу 430 лица. Спречени се 6.000 обиди за илегално транзитирање, што претставува намалување за речиси 50% во однос на претходниот период.
Во соработка со Европската агенција ФРОНТЕКС, Министерството за внатрешни работи спроведува континуирани операции за контрола на границите и справување со безбедносните ризици. Покрај миграцијата, откриени се и случаи поврзани со фалсификување пари, тероризам, проституција, висока корупција (во вредност од над 16 милијарди денари), недозволена трговија со дрога, како и нови случаи на криумчарење мигранти поврзани со меѓународни криминални мрежи.
Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба против илегалната миграција и организираниот криминал, како еден од стратешките приоритети за заштита на безбедноста и правниот поредок. Преку силната меѓународна соработка и решителните домашни акции МВР испраќа јасна порака дека за криминалот нема простор во нашето општество!“, се наведува во соопштението на МВР.
Текстот Сузбиени 14 организирани криминални групи, во кои учествувале 201 лице во период од една година, извести МВР е превземен од МАКФАКС.






