ТАВ Македонија ја демантира објавата на Народниот правобранител дека на Роми не им било дозволено да отпатуваат во странство

пред 3 години

ТАВ Македонија ги отфрла сите наводи на Народниот правобранител во нивната објава на социјалната мрежа Фејсбук „Реакција на Народниот правобранител по сознанијата дека на припадниците на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство” од 16 септември 2021 година, во истоименото соопштение на Народниот правобранител испратено до медиумите на 16 септември 2021 година, како и во нивното Барање до ТАВ Македонија, за наводна дискриминација на патници по етничка основа, како целосно неосновани.

„ТАВ Македонија, како аеродромски оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, е дел од глобалната групација ТАВ Аеродроми, која управува со 92 аеродроми во 26 земји и вработува повеќе од 33 илјади луѓе од 90 различни националности.

Ние секогаш ги следиме правилата за патување на авиокомпаниите и условите на земјите за влез на патници и строго ги почитуваме сите закони во Република Северна Македонија, вклучувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РС Македонија број 258/2020), како посебен закон и Уставот на РС Македонија, како највисок правен акт.

Во конкретниот случај, не постои дискриминација во пристапот до добра и услуги по основ на етничка припадност, боја на кожа и расна основа.

Во конкретниот случај за кој Народниот правобранител ни се обраќа, во согласност со проверките направени со авиокомпанијата, системот на IATA – Timatic, како и со I Port Travel Doc., патниците не ги исполниле условите за патување за влез во Белгија на 15 септември 2021 година, и тоа:

1. Патниците немале валиден сертификат за целосна вакцинација (валиден значи дека треба да се поминати две недели пред датумот на патување).

Двајцата патници покажале вакцинални сертификати со дата од 4 септември 2021 година, а со тоа што нивниот лет бил на 15 септември 2021 значи дека не биле поминати две недели.

2. Патниците немале есенцијална/суштинска причина за патување пропишана од страна на државата Белгија, согласно рестрикциите за патување поради Ковид-19, а тие биле македонски државјани и сакале да патуваат од туристички причини (посета на роднини), притоа без доказ за примена целосна вакцинација.

Согласно информацијата која авиокомпанијата ја доставила до ТАВ Македонија на 3 септември 2021 година, РС Македонија е ставена во црвена зона на земји и согласно тоа, за влез во Белгија важат следните услови:

Патниците можат да влезат само со доказ за есенцијална/суштинска причина за патување, освен:

· Ако се државјани на ЕУ или резиденти

· Со одобрен сертификат за целосна вакцинација

Патниците без еден од овие два услови, не треба да се прифатот на лет, освен за државјани на Белгија.

Покрај задоволување на овие услови, патниците треба да имаат пополнето електронски образец, т.н. Passenger Locator Form.

Дополнително, секогаш кога патниците купуваат авиобилети од авиокомпанијата, тоа значи дека тие практично склучуваат договор со авиокомпанијата и треба да ги следат условите за патување на авиокомпанијата.

Пандемијата со Ковид-19 во голема мерка ги смени условите за патување во светот и ѝ наметна на секоја земја одделно да имплементира различни рестрикции за патување.

Како пример, во 2021 не им е дозволено патување на голем број на патници од двата аеродроми во РС Македонија поради неисполнување на условите за патување и притоа ниту еднаш не сме направиле никаква дискриминација. За нас е важно патниците да ги исполнуваат условите за патување и ние никогаш не ги гледаме патниците од друга перспектива.

Непрофесионално е, и неприфатливо за нас, давањето информации за „дискриминација на Ромите од страна на ТАВ Македонија” во медиумите, без притоа да се испита и провери случајот со нас. Наместо тоа, испратена е реакција до медиумите насловена како: „Реакција на Народниот правобранител по сознанијата дека на припадниците на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство”, а дури потоа писмото на Народниот правобранител стигна до ТАВ Македонија.

Изрично ги демантираме сите наводи во „Реакцијата на Народниот правобранител по сознанијата дека на припадниците на ромската заедница не им се дозволува да отпатуваат во странство и се надеваме дека во иднина нема да има обвинувања или слични наводи против нас, без притоа да се проверат фактите и доказите“.

Share
Scroll to Top