Министерството за внатрешни работи реагира во врска со медиумските написи и соопштува дека со Александар Тасевски, претседател на Синдикатот во М-НАВ бил обавен службен разговор, како што тоа е случај кога постои пријава, и дека не е лишен од слобода. Истакнуваат и дека ќе биде поднесен соодвеетен поднесок до обвинителството.
„Во врска со дезинформациите кои се пласираат во одредени портали во врска со извршениот службен разговор со А.Т., вработен во МНАВ, ја информираме јавноста дека Министерството за внатрешни работи постапува како и секогаш, согласно законските обврски“, велат од МВР и додаваат:
“Секогаш кога ќе биде поднесена пријава од граѓанин за заканување или заплашување, МВР го поканува лицето против кое е поднесена пријава за да се изврши службен разговор. Тоа е направено и во конкретниот случај. По добиената пријава од Ф.Х. и Д.Х., раководни лица во МНАВ за испратени закани по меил од страна на А.Т., извршена е консултација со јавен обвинител, по што е направен записник за примање пријава“, додаваат од МВР.
Како што дополнуваат оттаму, на 3 јануари 2024 со покана е повикан А.Т. и со него е извршен службен разговор.
„Напоменуваме дека лицето не е лишено од слобода туку е извршен службен разговор со цел расчистување на случајот. По документирање на случајот, до ОЈО ќе биде доставен соодветен поднесок за нивно натамошно постапување“, завршуваат од МВР.
Вчера медиумите објавија дека претседателот на синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, беше пријавен во полиција од страна на двајца директори во компанијата.
Причината била што наводно почуствувале дека безбедноста им е загрозена. Доказ приложиле преписка преку е-мејл за која Тасевски тврди дека била извадена од контекст.
Текстот Тасевски не е приведен, туку извршен е службен разговор во полициска станица, велат од МВР е превземен од МАКФАКС.




