Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше телефонски разговор со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД.
Разговорот доаѓа веднаш по посетата на советникот Шоле на Бугарија, што е особено значаен моментум, имајќи го предвид и нововоспоставениот дијалог меѓу Скопје и Софија и преземените чекори во насока на градење на довербата и надминување на предизвиците меѓу двете земји.
Министерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на нашите стратешки цели и ја истакна значајната улога на нашите американски пријатели за просперитетот и демократските постигнувања на Северна Македонија. Во оваа прилика советникот Шоле уште еднаш ја реафирмираше американската јасна и недвомислена поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ,при што беше заемно оценето дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан.
Соговорниците разменија мислења за актуелната безбедносна состојба во Европа и случувањата во и околу Украина, при што беше нагласено дека зајакнувањето на трансатлантската соработка и заедничкиот пристап е од примарно значење за надминување на актуелните безбедносни предизвици. Воедно, беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и беше упатен заеднички повик за деескалација на состојбите преку дијалог и дипломатска комуникација, што е во интерес на целокупната европска безбедност.
Во рамки на телефонскиот разговор, стана збор и за билатералните односи, при што беше истакната важноста од нивно понатамошно надградување, а воедно беа разледани и можностите за продлабочување на стратешкото партнерство и јакнење на трансатлантските врски.
Ова е втор телефонски разговор на министерот Османи со советникот Шоле во изминатите две недели.