Владата на 100. седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10 % во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало, ова со цел, како што велат, спречување на растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година и заштита на животниот стандард на граѓаните како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“.
Со оваа одлука, како што информираат од владината служба, трговците на мало и големо, кои продаваат училиштен прибор, односно ранци и чанти, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни, водни бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски чанти и материјали за изработка – се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10 % во трговијата на големо и најмалку 15 % во трговијата на мало.
Одлуката се однесува на период од 15 август 2025 година до 15 септември 2025 година, а трговците се должни, покрај новата намалена цена на производите, да ја објават и старата цена, која важела на 1.6.2025 година, а која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.
Исто така, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: „Попуст на училиштен прибор од најмалку 15 %“.
Текстот Трговците да ги намалат цените на училишниот прибор пред почетокот на школската година, одлучи Владата е превземен од МАКФАКС.