Тренчевска: За унапредување на родовата еднаквост сите треба активно да се вклучиме

пред 2 години

За унапредување на родовата еднаквост треба сите активно да придонесуваме, бидејќи е клучна за демократијата и просперитетот на нашето општество, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пред членовите на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите на чиј дневен ред беше Предлог-стратегијата за родова еднаквост 2021-2026. Целта на Стратегијата е да се унапреди родовата еднаквост, во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски.

„ Унапредувањето, заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото, се главни цели на Владата на Република Северна Македонија. Затоа нашите активности ги насочивме кон постигнување на родова еднаквост во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски, демографски и социјален развој напредок на земјата. Градиме општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги остваруваат во вистинско заедничко партнерство“, рече министерката Тренчевска.

Министерката Тренчевска очекува до крајот на годината Законот за родова еднаквост да ја помине собраниската процедура.

„ Со Закон за родова еднаквост, очекуваме подобрување на механизмите за родова еднаквост на национално и на локално ниво, како и ефекасно функционирање на Ресурсниот центар за креирање на политики и родово одговорно буџетирање. Министерството ќе продолжи да работи на креирање политики и мерки за вработување кои ќе ја намалат неактивноста на жените на пазарот на трудот, политики кои го регулираат родителското отсуство, заштита на работното место, флексибилно работно време и работа со скратено работно време и работни места за мајки, како дел од измени и дополнувања на Законот за работни односи“, рече Тренчевска.

Со донесувањето на Стратегијата, Република Северна Македонија се насочува кон интегрирање на родовата перспектива во политиките и сузбивање на стереотипите како што се, насилството кон жените, унапредување на положбата во јавниот и приватниот живот, образованието, здравството, земјоделието, правдата, социјалната сигурност, животната средина и климатските промени, спортот, културата, медиумите. ​

При подготовката на Стратегијата која се однесува на периодот од шест години, Министерството за труд и социјална политика ги примени принципите на законитост, јавност, транспарентност, одговорност, отчетност и меѓусекторска соработка.

Националната стратегија за родова еднаквост е основниот стратешки документ на Република Северна Македонија со кој се воспоставува сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.

Предлог-стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 ја помина амандамнската расправа и Комисија за еднакви можности на жените и мажите, ја проследи во понатамошна собраниска процедура.

Share
Scroll to Top