Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за оваа година изнесува 1,8 милијарди денари, или околу 30 милиони евра. Пет милиони евра повеќе од минатата година за вработување на ранливи категории на наши граѓани, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на промоцијата на Оперативниот план за 2022 година.
Со новиот Оперативен план со кој ќе бидат опфатени 14.685, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени како и на корисниците на гарантираната минимална помош. Зголемен е опфатот за најбараната мерка за самовработување, со што обезбедена е финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис за 2000 лица. Преку „Програмата за самовработување“ се доделуваат грантови од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра за двајца содружници за започнување на сопствен бизнис.
Министерката Тренчевска информираше дека за прв пат во соработка со канцеларијата на УНДП се имплементира мерката за поддршка за креирање на нови работни места преку „зелени инвестиции“
Појасни дека во фокусот на Оперативниот план, е еднаквата застапеност на мажите и жените, согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, учество на младите лица до 29 години од најмалку 30% како и лицата со попреченост кои се застапени речиси во сите мерки за вработување.
„Со Мерката Практикантство го прошируваме опфатот на 1.620 невработени лица до 34 годишна возраст кај работодавачи од приватен сектор, но и граѓанските организации. Продолжуваме и со мерката „младинскиот додаток“, со кој 3.000 денари месечно ќе бидат исплаќани за 3.500 млади до 23 години, вработени во директно производство или 1.000 повеќе од лани. А не застанавме и со проектот „Гаранција за млади“ како земја лидер во регионот која прва го имплементираше, а не е членка на ЕУ “, рече Тренчевска.
Според директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, со мерките и програмите се унапредува состојбата на пазарот на трудот.
„Првите јавни огласи за програмата „Самовработување“, „Вработување и раст на правни субјекти“ и „Практикантство“ ќе бидат објавени на петти април, а останатите ќе се објавуваат етапно по однапред дефиниран распоред и план. Ги повикуваме сите невработени лица и работодавачи преку нашите триесет Центри за вработување, да аплицираат за програмите и мерките од нивен интерес“, рече Мурати.
„УНДП останува долгорочен и лојален партнер на владините институции, приватниот сектор и другите вклучени страни за обезбедување економски раст и инклузивни можности за сите. Со иницирање на мерките од економија за грижа и со новите „зелени“ мерки од овогодинешниот Оперативен план, продолжуваме да воведуваме нови и иновативни модели за отворање квалитетни нови работни места и зголемување на вработливоста кај невработените лица и нивно поефикасно и побрзо активирање на пазарот на трудот“, рече постојаниот претставика на УНДПМК Армен Григоријан.
При имплементацијата на програмите и мерките за вработување, ќе се почитуваат принципите за справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19, принципот на рамномерен и регионален развој како и принципот на инклузивност и диверзитет отсликан во Оперативниот план за вработување.