Триесет дена притвор за 21-годишникот кој возеше пијан и предизвика сообраќајка во Ново Лисиче

пред 2 години

Судот му одреди 30 дена притвор за 21-годишниот скопјанец, осомничен за сообраќајната несреќа во која животот го загуби возачот на другото возило, а со тешки повреди се здоби неговата 15-годишна ќерка. Т.М. возел под дејство на алкохол и со недозволена брзина, покажа истрагата.

„ На 26 јануари околу полноќ, осомничениот управувал автомобил „Рено меган“ со скопски регистарски ознаки на булеарот „Видое Смилевски Бато“ во Скопје, во насока од запад кон исток. Притоа не се придржувал кон сообраќајните прописи – со автомобилот управувал со брзина поголема од 50 километри на час што е максимално дозволена во населено место и под дејство на алкохол со концентрација од 0,57 промили алкохол во крвта. Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица која води кон трговскиот центар „Лиса“, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење.

Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил „Фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. При несреќата, возачот на автомобилот „Фолксваген“ се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди“ соопшти обвинителството.

Share
Scroll to Top