Усогласен пристапот за подготовка на документ за долгорочна стратегија за развој на државата

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања, Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство, Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП и Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Република Северна Македонија, а во однос на процесот на изготвување на „Национална развојна стратегија“.

Како што информираат од претседателскиот Кабинет, на состанокот била постигната согласност и синхронизација на преземената иницијатива од страна на претседателот Пендаровски, „МКД2030“ со процесот на креирање на „Националната развојна стратегија 2021-2041“.

Процесот ќе биде заснован на принципите на национална сопственост, широка консултација, интегрирање на постоечките процеси за интеграција во ЕУ и Агендата 2030 и иновативност.

„НРС 2021-2041 и МКД2030 претставуваат единствен сеопфатен процес за долгорочно планирање, следење и надградување, во коj се и ќе продолжат да бидат вклучени претставници од сите сегменти во општеството“, наведуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Оперативната структура на процесот што треба да обезбеди вклученост на највисоко политичко, административно, научно, бизнис и општествено ниво, ќе ја води Национален совет за развој, со кој ќе претседава претседателот на државата.

Во овој совет ќе учествуваат и претседателот на Владата и претседателот на Собранието, партиски координатори во Собранието, како и претставници од академијата, бизнисот, работниците, невладиниот сектор и младите.

Првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на Организацијата на Обединетите нации преку УНДП, а ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот.

Share
Scroll to Top