Oд утре започнува пописот на населението во државата, кој според надлежните органи, ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи, така што нема да постои никаква шанса за ширење на вирусот меѓу граѓаните и попишувачите.
Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, соопшти дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена скоро 20 години.
„После речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните региони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови“, истакна Симовски.
Како што кажа тој, нема можност некој да биде изоставен од попишување. Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат.
„Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето“, објасни директорот на ДЗС.
Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, пописот ќе се спроведе безбедно бидејќи, како што кажа, попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.
„Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици кои се говорат во РСМ. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика“, нагласи Маричиќ.