Уште еден смртен случај од западнонилска треска, петмина починаа во Македонија

Уште еден смртен случај од западнонилска треска, петмина починаа во Македонија

пред 3 часа

Во земјава е регистриран уште еден смртен случај од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Станува збор за 73-годишен пациент од Долно Лисиче, Скопје, кој имал тешка клиничка слика и сериозни придружни заболувања.

Пациентот 22 дена се лекувал на Клиниката за инфективни болести, а од самиот прием бил во многу тешка состојба. Бил сместен на Одделот за интензивно лекување и ставен на респираторна поддршка.

„Пациентот беше 22 дена на Клиниката и од почетокот на приемот беше во многу тешка состојба. Беше сместен во Одделот за интензивно лекување и ставен на респираторна поддршка“, изјави Цана.

Со последниот смртен случај, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на пет лица.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 21 пациент, од кои 18 се со потврдена инфекција со вирусот и невроинвазивна форма на болеста, додека тројца се суспектни.

„Скоро секој ден по некој се хоспитализира и бројката на Клиниката е околу 20 до 21. Во тешка општа состојба се уште четворица пациенти, кои се лекуваат на Одделот за интензивно лекување“, рече Цана.

Според него, сите пациенти со тешка клиничка слика се на поодмината возраст. На Клиниката, сепак, е хоспитализирано и 25-годишно лице.

Досега вкупно 19 пациенти се излекувани и испишани од Клиниката.

Цана појасни дека на Клиниката за инфективни болести се примаат пациенти со невроинвазивни форми на западнонилска треска, односно оние кај кои вирусот го зафатил нервниот систем.

Тој посочи дека околу 80 проценти од потенцијално инфицираните лица се асимптоматски или имаат лесна клиничка слика и не бараат болничко лекување.

„На Клиниката за инфективни болести, сите пациенти за кои цело време зборуваме се околу еден отсто од вкупно инфицираните пациенти, кај кои поодминатата возраст е клучен ризик-фактор“, нагласи Цана.

Како што објасни, кај сите хоспитализирани пациенти е потврдена невроинвазивна форма на болеста, со акутно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Кај помладите пациенти, според досегашните медицински сознанија, текот и исходот на болеста генерално се поповолни.

Текстот Уште еден смртен случај од западнонилска треска, петмина починаа во Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top