Фертилитетот во фокус: експерти подготвуваат прв Национален водич за заштита на фертилитетот

Фертилитетот во фокус: експерти подготвуваат прв Национален водич за заштита на фертилитетот

пред 7 часа

Во Република Северна Македонија се раѓаат сѐ помалку деца, а сѐ повеќе луѓе се соочуваат со проблеми со инфертилитет. Со стапка на фертилитет од околу 1,5 деца по жена, значително под нивото од 2,1 потребно за природна обнова на населението, земјата веќе влегува во сериозни демографски предизвици, велат од ХЕРА и МАГО (Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари).

Според нив, прашањето кое ретко се поставува е дали правиме доволно за да го заштитиме фертилитетот пред да стане проблем?

„Досега, фертилитетот во земјата најчесто се третираше дури кога можностите веќе се намалени, односно кога луѓето се соочуваат со неплодност и бараат третман. Токму затоа, за првпат во Република Северна Македонија започнува процес за подготовка на Национален водич за зачувување на фертилитетот кај жените и мажите, кој ќе го помести фокусот од лекување кон превенција, и ќе овозможи индивидуите да имаат деца во периодот кога ќе посакаат“, се наведува во соопштението на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, кои формираа мултидисциплинарна експертска група, која ќе работи на подготовка на овој документ.

Во работната група учествуваат 10 експерти од различни области, меѓу кои: специјалисти гинеколози-акушери од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, специјалист психијатар од Универзитетската клиника за психијатрија, специјалист гинеколог-акушер (матичен гинеколог), специјалист по семејна медицина, специјалист уролог, специјалист нутриционист и претставници од Министерството за здравство.

Овој мултидисциплинарен пристап овозможува ризичните фактори за фертилитет да се разгледуваат од повеќе аспекти и да се изготват насоки за здравствените работници, за соработниците и општата популација. Со нив ќе се овозможи здравствена едукација на лекарите и граѓаните за факторите што можат да влијаат врз нивното репродуктивно здравје (примена на позитивните влијанија и заштита од негативните влијанија) – како да се сочува фертилитетот низ целиот животен век – кај девојчиња, момчиња, жени и мажи. Опфатени се ризичните фактори од повеќе аспекти – медицински, психолошки, животен и социјален.

„Новиот Национален водич за зачувување на фертилноста кај жените и мажите ќе понуди јасни насоки за рано препознавање на ризици за фертилитет, поголема улога на примарното здравство, подобра информираност на младите во училиштата преку програмата за сеопфатно сексуално образование, подобра достапност на медицински препораки за општата популација и конкретни препораки за здравствените работници“, се наведува во соопштението.

Целта е едноставна, но суштинска – фертилитетот да се третира како вредност што се штити навреме, а не како проблем што се решава предоцна.

Текстот Фертилитетот во фокус: експерти подготвуваат прв Национален водич за заштита на фертилитетот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top