Фондот за здравствено осигурување ќе обезбеди буџет за ЈЗУ Клиника за детски болести за набавка на лекот Kalydeco/Ivacaftor во износ од 6.663.048 денари.
Од Фондот појаснуваат дека лекот ќе се користи за обезбедување на здравствени услуги на трoјца пациенти кои се лекуваат во ЈЗУ Клиника за детски болести. Согласност за набавка на лекот побара Клиниката за детски болести, а Министерството за здравство издаде согласност за набавка на овој лек.
Одобрението што го даде Фондот, е во траење од два месеци, по што од страна на Клиниката за детски болести ќе се направи анализа за успешноста на примената терапијата. Доколку резултатите се позитивни, а имајќи предвид дека се работи за доживотна терапија, лекот Kalydeco/Ivacaftor по претходно спроведена процедура за негово вклучување преку Комисијата за ретки болести понатаму ќе биде обезбедуван во рамките на Програмата за лекување на ретки болести за 2021 година, која е во надлежност на Министерството за здравство, а ја носи Владата.