Филипче: Значајно е зголемен процентот на преживување на предвремено родените бебиња

пред 3 години

По повод Светскиот ден на новородените бебиња, на плоштадот Македонија беше одржан настан, на кој свое обраќање имаа министерот за здравство Венко Филипче, директорката на ГАК, Викторија Јовановска и  директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова.

Министерот јавно им честита на експертите кои работат на делот за неонаталогија. Тој посочи дека стратегијата за инвестирање во опрема и подигање на знаењето е направена уште пред 4 години и благодарение на странски експерти беа воведени многу нови протоколи, патеки за лекување. Оттука сега може да се пофалиме со досега постигнатото.

„Искрено верувам дека со истиот ентузијазам, истата енергија, истата посветеност колегите ќе продолжат да работат и понатаму, најголем акцент ставаме таму кадешто е најбитно, а тоа е здравјето на младите односно бебињата“, изјави министерот Филипче.

Денеска е еден битен ден на одбележување, што значи и укажува на тоа колку е важно и што значи да се подобри целокупниот систем во било која земја во светот за да се подобри степенот на прежувување на предвреме родените бебиња, отцени министерот Филипче. Тој понатаму образложи дека станува збор за некаде околу 25 проценти од вкупниот број на раѓања во нашата земја, кои традиционално се пораѓаат на Клиниката за ГАК, болницата во Чаир кадешто има екпертиза. Интензивната нега на Клиниката за ГАК и болницата во Чаир се двете институции кадешто тие се третираат.

„Многу е битно да се потенцира дека во изминатите 4 години, постигнавме многу значајни резултати. Процентот на преживување на предвремено родените бебиња значајно се зголеми, односно смртноста во 2016 година кога беше 25, сега е 8,9 проценти. Ова е резултат на делот на инвестиција кој го правиме, на делот на третман на родилките и на бебиња, како во делот на оние коишто се раѓаат навреме и оние кои се предвреме родени. Ние сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување на вкупната смртност на предвреме родените бебиња и во споредба со 2016 година, истата е преполовена“, изјави Венко Филипче.

„Ако не функциониравме како целина, немаше да го имаме овој успех, како вработените во Клиниката за ГАК, така и вработените на Детската клиника и Гинекологијата во Чаир кои во секое време излегуваа во пресрет кога беше потребно. Заеднички го постигнавме овој успех“, кажа директорката на ГАК, Јовановска.

Во изјавата, директорката Софијанова образложи дека Детската клиника години наназад се справува со прематуритетот и во соработка со сите институции, најтешките случаи завршувале тука. Според неа само заеднички, тимски се реализира изнаоѓање на начин за подобрување на квалитетот на животот и овие предвремено родени новородени бебиња да израснат во навистина здрави идни деца.

Share
Scroll to Top