Филипче: Сите вакцини се безбедни

пред 4 години

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека нема ниту можност, ниту потреба граѓаните да бираат со која вакцина ќе се вакциинираат затоа што сите биле безбедни.

Тој вели дека пријавените граѓани ја добиваат онаа вакцина која е на располагање во моментот.

„Во однос на типот на вакцина ние засега не дозволуваме избор на вакцина. Нема ниту можност, ниту реално постои потреба за тоа. Нема контраиндикации за ниту една вакцина кај ниту една возрасна група. Пријавените граѓани ја одбиваат онаа вакцина која е на располагање во моментот“, рече Филипче.

Во тек е вакцинација на претставниците на критична инфраструктура, односно вработени во институции кои се од витално значење за функционирање на државата.

Филипче ги повика граѓаните да се пријавуваат за вакцинирање преку веб-страницата vakcinacija.mk, за која вели дека функционира перфектно и за кусо време сите што се пријавиле ќе добијат термини.

„Преку имејл или СМС граѓаните добиваат известувања за времето и пунктот каде што треба да се пријават за вакцина. Мал метеж се појави пред салата Борис Трајковски. Во текот на вчерашниот ден утврдивме дека помала група граѓани доаѓаат нешто пред терминот, тоа е причината за метежот“, рече министерот Филипче.

Тој уверува дека сите што се пријавиле ќе добијат термин за вакцина.

Share
Scroll to Top