Трет Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска и утре се одржува во Општина Битола и во Центарот за култура-Битола. Темата на форумот е „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија / Ковид-19 предизвици“.
За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Сиднеј, Галвеј, Чјингдао, Бусан, Тераса, Брадфорд, Потсдам, Сараево, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм.
Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 18-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.
Официјалното отворање е закажано за денеска од 13 часот во салата за седници на Советот на Општина Битола. Дводневната програма предвидува повеќе дискусии и презентации, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови, неформални средби и посета на возобновеното кино на браќата Манаки и реновираниот Офицерски Дом. Во рамките на првиот ден презентации ќе одржат повеќе домашни учесници, а ќе бидат прикажани и неколку кратки филмови од градовите-членки на мрежата за филм на УНЕСКО во малата сала при НУ Центар за култура Битола.
На утрешната програма од 11 часот во Општина Битола е предвидено вклучување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса (Шпанија), Сиднеј (Австралија), Чјингдао (Кина), Бусан (Јужна Кореја), Сараево (БиХ), Софија (Бугарија), Галвеј (Ирска) и други градови-членки на кластерот филмски градови на УНЕСКО. Презентации ќе одржат повеќе домашни претставници од креативните индустрии и филм. Од 12.30 часот ќе се одржи и дискусија на тема „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија / Ковид-19 предизвици“. Обраќањата и дискусиите ќе се одвиваат на два начини, во живо со присуство на домашни гости и преку интернет и пренос во живо.
Форумот го организира Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на креативните
индустрии и размена на искуства и добри практики. Интернационалниот форум на градовите од мрежата на УНЕСКО: „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија“, поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура на Република С. Македонија во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.