ХЕРА: Ниту една Ромка не е вработена на раководна позиција во државните институции

пред 3 години

Педесет години од воспоставувањето на 8 април како Меѓународен ден на Ромите, Ромките во Македонија и натаму мака мачат да влезат на пазарот на трудот поради долгогодишната системска дискриминација, велат од ХЕРА.

„Ова го илустрираат и податоците според кои само 4 Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени со само 0,47 % од вкупниот број на вработени. Иако Шуто Оризари е најголемата општина со ромско население во државата, од вкупно 18 вработени лица во Општината, само 8 се Роми. Фрапантен е и податокот дека ниту една Ромка не е вработена во центрите за вработување во државата. Во 30 центри за вработување низ државата, само двајца Роми се вработени и тоа на нераководни работни места“, се наведува во соопштението.

Според податоците кои ги објави ХЕРА, од вкупно 7.647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки, што, според ХЕРА, е крајно поразително ако се има предвид фактот дека 4.632, односно 4,6 % од регистрираните невработени лица се Ромки.

Според Националниот оперативен план, од вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво, дури 94,88 % се без образование или само со основно образование.

Според ХЕРА, ваквите фрапантни наоди недвосмислено укажуваат дека се потребни системски решенија за да се унапреди социо-економската положба на Ромките во нашата држава.

Ова се само дел од податоците до кои дојде Групата за застапување за еднакви можности при вработување во текот на 2020 година, истражувајќи го прашањето и застапувајќи пред клучните институции. Анализата „Вработена Ромка – силна Ромка“ дава преглед на состојбата на Ромките на пазарот на трудот преку податоци за застапеноста на Ромките во јавните институции и за искористеноста на мерките и програмите за вработување од страна на Ромките. Податоците се добиени врз основа на собрани информации од јавен карактер од вкупно 141 државна институција.

Групата упати порака Агенцијата за вработување да започне процес на креирање соодветни мерки за вработување или адаптирање на постоечките во согласност со моменталната состојба и потреби на Ромките, кој ќе се заснова на податоци и предлози кои ќе произлезат од самата заедница; да се стави фокус на докомплетирање на образованието и на нудење специфични обуки за Ромките со цел да се оспособат и да стекнат квалификации за побаруваните занимања; да се вработуваат Ромки на клучни раководни позиции заради можноста да креираат и да предлагаат решенија во согласност со спецификите на оваа целна група, особено во областа на вработувањето; да се создадат долгорочни родово-сензитивни пристапи за вработување во секоја институција за да се зголеми учеството на Ромките во јавната администрација; единиците на локална самоуправа во своите акциски планови да предвидат мерки за вработување на Ромките во својата администрација, особено во оние општини каде што постои поголема застапеност на ромското население.

Групата за застапување е составена од Ромки активистки и е формирана во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“ кој го имплементира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“.

Share
Scroll to Top