Царовска: Полагањето на матурата ќе се одржи во предвидениот законски рок

пред 3 години

Подготовките за државната матура во учебната 2020/2021 година се во тек, а полагањето на завршните испити ќе се одржи во предвидениот законски рок, во јуни следната година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната работна посетата на гимназијата „Таки Даскало“ во Битола.

„ Би сакала да ги поттикнам учениците до крајот на ноември месец да изберат проектна задача во делот на матура којашто ќе се случува оваа година и исто така, до крајот на наредниот месец, да изберат предмети коишто ќе сакаат да ги полагаат за матура. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици коишто се нашата иднина. Токму затоа, согласно законските рокови, матурата ќе се извршува во текот на наредната година“, нагласи министерката Царовска.

Матура има во сите земји во регионот и во сите европски земји и овие завршни испити и покрај панедемијата, се одржаа и минатата година.

„ Оваа година ќе треба да се случи и во нашата држава заради тоа што не сакаме да бидеме исклучок по одредени негативни пракси. Токму затоа матурата е навистина значајна за утврдување на знаењата, но исто така и за понатамошниот развој на нашите млади граѓани од коишто очекуваме понатаму да ја водат државата и да го водат економскиот развој“, изјави министерката Царовска.

Таа дополни дека МОН во соработка со средношколците, со училиштата, со наставниците и со здравствените власти ќе обезбеди успешно и безбедно полагање на матурските испити.

Share
Scroll to Top