Шасивари: Втора шанса за Изборниот законик – очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група

Шасивари: Втора шанса за Изборниот законик – очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група

пред 3 часа

Министерот за правда, Јетон Шасивари заедно со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство, денеска разговараше за отворените прашања и за чекорите потребни за деблокирање на процесот и негово враќање во активна институционална динамика.

Министерството за правда во изминатиот период иницираше отворен, сериозен и конструктивен дијалог со сите релевантни политички и институционални чинители, со цел преку аргументирана дискусија и конкретни предлози да се постигне напредок во реформата на изборното законодавство.

„Изборниот законик не е сопственост на ниту една политичка партија, ниту на власта, ниту на опозицијата. Тој е закон што ги утврдува демократските правила според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја. Затоа, сите политички чинители имаат обврска да разговараат. Можеме да имаме различни политички ставови, но не смееме да дозволиме разликите да бидат пречка за унапредување на изборниот систем“, истакна министерот за правда, Јетон Шасивари.

Министерот Шасивари најави дека во наредниот период ќе побара средба со пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче, на која ќе разговараат за можностите за деблокирање на процесот и повторно активно учество на СДСМ во работата на работната група.

„Сметам дека изборниот процес и реформата на изборното законодавство се прашања за кои е потребен широк политички и институционален консензус. Затоа, во наредниот период ќе побарам средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел директно да разговараме за отворените прашања и да најдеме начин процесот да продолжи. Очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата“, порача Шасивари.

Како што истакна министерот, целта не е политичко надмудрување, туку институционална одговорност и создавање изборно законодавство што ќе биде стабилно, предвидливо, транспарентно и усогласено со европските стандарди и релевантните препораки на ОБСЕ/ОДИХР.

„Не очекувам сите да се согласиме за сè. Но, очекувам да разговараме. Оваа реформа ги надминува дневнополитичките интереси и го засега секој граѓанин, бидејќи изборните правила се директно поврзани со довербата во демократскиот процес и во институциите“, нагласи министерот.

Министерството за правда и понатаму ќе работи со Собранието, политичките партии, експертската јавност, граѓанските организации и сите релевантни институции со цел да се обезбеди инклузивен процес и квалитетни решенија за унапредување на изборното законодавство.

„Европската интеграција не е само политичка декларација. Таа значи реформи, силни институции, владеење на правото и правила што важат еднакво за сите. Изборните правила се за граѓаните, европските стандарди се наша обврска, а дијалогот е наша институционална одговорност“, потенцира министерот за правда, Јетон Шасивари.

Текстот Шасивари: Втора шанса за Изборниот законик – очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top