Шахпаска: Создаваме услови за целосна инклузија на лицата со попреченост

пред 2 години

Преку сеопфатни политики и мултинституционален пристап градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост ќе имаа еднаков пристап за напредок и развој. Создаваме услови за нивна целосна инклузија во областа на образованието, здравството, локалните услуги, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во денешното обраќање на меѓународната конференција за демографска отпорност што се одржува во Софија, Република Бугарија, во организација на УНФПА и Владата на Република Бугарија.

Министерката Шахпаска презентираше дел од проектите на Министерството за труд и социјална политика во насока во делот на инклузијата на лицата со попреченост, но и политики за спречување на сите форми на дискриминација, спречување на насилството врз жените, како и унапредување на родовата еднаквост.

„Ја намаливме границата за лична асистенција. Сега право на личен асистент имаат лицата со попреченост од 6 до 64 годишна возраст. На тој начин овозможуваме лицата со попреченост да ги извршуваат секојдневните активности и да бидат активно вклучени во секојдневието. Ја изработивме и апликацијата Аудио – читач, која на слепите и на лицата со оштетен вид им овозможува пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. Градиме инклузивни градинки, ги вклучуваме сите деца во предучилишното образование. За оние кои се грижат за своите најблиски, а кои се лица со попреченост државата ја надополнува втората половина од платата доколку работат со скратено работно време, а за оние над 64 години возраст обезбедуваме еден вид на пензија, со цел да имаат економска сигурност“, истакна Шахпаска.

Информираше дека социјалните услуги како што се помош и нега на стари лица и лица со попреченост во домот ја примаат 900 корисници на територијата на целата држава од страна на 300 негователи.

„Со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, за прв пат го воведовме родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основи за дискриминација. Интензивно работиме на имплементација на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, а подготвуваме и сосема нов Закон за родова еднаквост. Со овој Закон ја зајакнуваме положбата и статусот на жените во општеството, преку три нови механизми и тоа Совет за родова еднаквост, Секретаријат за родова еднаквост и Ресурсен центар“, нагласи Шахпаска.

Share
Scroll to Top