Шаќири: Преку повеќе часови за политичко образование кај учениците градиме вредности на мултикултурализам и толеранција

пред 2 години

Ако нашата цел е да создадеме млади луѓе кои ќе бидат заинтересирани за позитивни промени во средината во која живеат и работат, тогаш во текот на образованието треба така да ги обликуваме. Создавање на послободно и подемократско општество не е недостижен идеал. Потребен е само образовен систем кој промовира и обезбедува почитување, толеранција, ненасилство и прифаќање на различностите, образовен систем кој ги учи децата на мултикултурализам и демократија. А токму ова се основните вредности на кои се темели реформата на основното образование, која од оваа учебна година почна во прво и во четврто одделение, а етапно продолжува во другите одделенија.

Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција насловена „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование при Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, а во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Министерот укажа дека со реформата на образованието, деветолетката се преобразува во систем на образование согласно национални стандарди, што значи дека со завршување на основното образование ученикот поседува компетенции што се однесуваат на познавањето и разбирањето на општеството, неговата историја и организација, за економските и политичките концепти, структури и движења, како и на вештините и ставовите што ќе му овозможат да се однесува демократски и одговорно и во иднина да биде одговорен граѓанин и мотивирано и активно да учествува во општествениот и граѓанскиот живот. Посочи дека би било добро во погорните одделенија од основното образование, во седмо, осмо и деветто, во наставните програми да се воведат повеќе содржини и да се посветат повеќе часови на политичкото образование.

„ Преку нив ученикот ќе ја стекне основата за критички да анализира и дискутира за вредностите на граѓанското општество, за различните улоги и однесувања на граѓаните и за својата улога во него, ќе се учи да препознава ситуации во кои има повреда на права и какви активности треба да се преземат во таквите ситуации, ќе знае што е демократија и слично. Ова е идеја за која ќе разговараме со Бирото за развој на образованието како институција задолжена за изработка на наставните програми“, рече министерот Шаќири.

Образованието треба да ги учи младите луѓе да делуваат, а не да бидат пасивни, да ги поттикнува на критичко размислување и на носење заклучоци врз основа на анализа на факти, и тогаш, како што рече министерот Шаќири, низ процесот на учење ќе се обликуваат граѓани кои тежнеат кон напредок, во соживот со различните од себе и врз демократски принципи.

„ За тоа ни е неопходно чистење на учебниците и вклучување теми кои досега недостасуваа, меѓу кои и тие поврзани со политичко образование. Процесот на етапно изготвување нови материјали за учење, согласно новите наставни програми, е во тек. Како креатори на образовните политики, отворени сме за конструктивни идеи и сугестии“, рече Шаќири.

Министерот ги посочи граѓанските организации и меѓународните партнери како важен фактор во креирањето на промените, додавајќи дека Министерството е секогаш подготвено да го слушне гласот на младите, на кои овие реформи се однесуваат.

Share
Scroll to Top