Шекеринска денеска и утре на состанок на министри за одбрана на НАТО

пред 3 години

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска и утре преку видео – конференциска врска ќе учествува на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана.

Министрите за одбрана на 30 земји – сојузници во НАТО, на денешната сесија на Северноатлантскиот совет ќе разговараат за мерките за поддршка на цивилните напори за спречување на ширење на вирусот Ковид-19 и сојузничката солидарност. Со обезбедувањето на НАТО– пакетот во вредност од 1,4 милиони евра за 60 респиратори и дополнителна медицинска опрема, уште еднаш беше потврдена сојузничката солидарност кон нашата земја.

Министрите за одбрана ќе разговараат за напредокот во напорите за зголемување на буџетите за одбрана и заедничкото споделување на товарот. Бројките говорат дека кај најголем број од сојузниците, буџетите растат веќе шест последователни години. Истиот тренд го има и буџетот за одбрана на Северна Македонија. Тоа го потврди и премиерот Зоран Заев при посетата на седиштето на НАТО во Брисел овој месец, каде рече дека остануваме решени да го зголемуваме буџетот за одбрана и да постигнеме 2% од БДП до 2024 година.

На состанокот, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе се изјаснат за воспоставување на вселенски центар во Рајмштајн, Германија, за подобра сателитска и воена комуникација.

Утрешната, втора работна сесија ќе биде посветена на НАТО мисиите и мировните операции во Авганистан, Ирак и на Косово. Северна Македонија го продолжува својот придонес во главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ и во командата на главниот град, Кабул во Авганистан, а неодамна беа испратени и првите 44 припадници на Армијата во рамките на силите КФОР на Косово, со што нашата земја станува и столб на мирот и безбедноста на регионот.

Министрите за одбрана ќе разговараат и за имплементацијата на планот на НАТО за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации – Жени, мир и безбедност, чија 20-годишнина се прославува овој месец. Нашата земја го донесе вториот Национален акциски план за имплементација на оваа резолуција и посветено работи на вклучувањето на жените во одбраната, преку процес кој е инклузивен и не подразбира само бројка, туку и активно користење на капацитетите на жените во процесите во одбраната.

Share
Scroll to Top