Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вечерва во Визбегово, одржа состанок со бизнис заедницата од Визбегово. На состанокот присуствуваше и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски.
„На средбата, стопанствениците од Визбегово на Шилегов му ја предочија голема важност за изградбата на клучката на булеварот Словенија, каде наскоро ќе започнат градежните работи. Со клучката и пробивањето на булеварот Словенија до Волково и Хасан Приштина до обиколницата во правец на Косово, ќе се овозможи посилен економски развој на овој дел од градот“, соопштија од Град Скопје.
„Со изградбата и проширувањето на булеварот Никола Карев, како и со изградбата на мегапроектот кај Момин Поток, се отвораат големи можност за нови работни места и подобрување на локалната економија во Визбегово. Како градоначалник на Град Скопје потенцирав дека ќе продолжиме со вложувањата во инфраструктурата затоа што приоритетите на граѓаните и бизнис заедницата секогаш ни се на прво место“, посочи Шилегов на состанокот.