Шилегов: Од утре на шест локации на отворено скопјани ќе можат да вежбаат со стручни тимови

пред 4 години

Со почеток од утре, 17 мај, па во наредните три месеци, скопјани ќе имаат можност бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Секој работен ден, по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога и атлетика. Проектот „Скопје вежба“ кој има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма го спроведува Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, најави градоначалникот Петре Шилегов.

„Градот Скопје преку професионални тренери ќе им овозможи на граѓаните на Скопје бесплатна физичка активност во текот на попладневните часови, од понеделник до петок. Нашата цел е кај помладите генерации да всадиме навики за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме еден поинаков и поздрав начин на живеење. Сакам да се заблагодарам на Факултетот за оваа заедничка акција со која ќе овозможиме на Скопје и на скопјани еден поинаков пристап кон физичката култура. Се надевам дека на крајот на јули кога ќе заврши оваа активност ќе може со задоволство да ги констатираме позитивните бројки на граѓани кои ја искористиле оваа можност“, рече Шилегов.

Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Ленче Алексовска – Величковска изрази задоволство што Градот Скопје препозна партнер во нивната институција која постои 40 години.

„Ќе изведуваме физичка активност во оваа пандемија која за жал се уште трае. Ќе ги почитуваме сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Првичната цел е да ја подигнеме свеста за физичката активност кај сите категории – и деца и адолесценти и возрасни. Тука зад мене се сите универзитетски професори, експерти кои што ќе бидат вклучени, зашто не е само да се вежба, туку треба да се одговори на многу прашања – колку да се вежба и како да се вежба за да се сочува и менталното и физичкото здравје“, објасни Величковска.

За дневниот распоред на вежби во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните ќе можат да се информираат на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје. За вежбање се предвидени 6 локации -две локации во Градскиот парк, паркот кај„Три Бисери“ во Аеродром, паркот во Ѓорче Петров, кај Веро Тафталиџе во Карпош и паркот во Чаир.

Градот Скопје финансиски го поддржува овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.

Share
Scroll to Top