Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје соопшти дека денеска со почеток од 15:00 часот, започнат е штрајк од страна на машиновозачите и помошниците машиновозачи во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје.
Со почетокот на штрајкот не сообраќаат сите возови во патничкиот и товарниот сообраќај.
ЖРСМ Транспорт АД-Скопје реагира дека штрајкот на машинскиот персонал не бил писмено најавен и е незаконски.
„Со наредно соопштение подетално ќе Ве известиме кои возови почнувајќи од 16.03.2022 година не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај, со име и презиме на машиновозачот и помошникот машиновозач кои требале да ги опслужуваат наведените возови“, велат од Железници.
Преку допис со медиумите тие наведуваат дека редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако Друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија и нафтата, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење.
Напоменува дека Железници на Република Северна Македонија на вработените ја има во целост исплатено платата за месец јануари 2022 година.