Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС

Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС

пред 8 часа

Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.

Седницата беше со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување. Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.

Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.

претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски:
Денес ја одржавме втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа, објави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

„Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација.
Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација.

Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија.
И на оваа седница, повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место.
Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заеднички цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став.

Очекувам силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.
Воведувањето на комуналната полиција, преку новите законски измени, останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво.

Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините.

Текстот Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top