Ѓорѓиевски во врска со пожарот во Пржино: Нема жртви, ниту повредени, нема зафатени други домаќинства

пред 2 години

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по добиената информација за опожарен објект во населбата Пржино, излезе на терен заедно со општинските служби, со цел да помогне во справување со пожарот, информираат од неговиот кабинет.

„Во попладневните часови изби голем пожар во населба Пржино. По добиената информација дека гори објект, веднаш со службите излеговме на терен да им помогнеме на пожарникарите и од она што тука го дознавме е дека се работи за објект на старо училиште кое во моментов е во приватна сопственост. Сакам да се заблагодарам на екипите на Противпожарната бригада и МВР кои и покрај отежнатите временски услови беа на висината на задачата и пожарот е локализиран и што е најважно нема човечки жртви, ниту повредени. Нема зафатени ниту други домаќинства наоколу“, истакна Ѓорѓиевски.

Изрази благодарност и до соседите кои излегле во пресрет и ги ставиле како што рече, на располагање хидрантите од своите објекти.

„Ние како Општина, исто така на располагање го ставивме и хидрантот од градинката што е во непосредна близниа. Апелирам до МВР сериозно и до крај да го истражи овој случај бидејќи како што добив информација овде, не станува збор за постоечка инсталација која била под напон, туку претпоставувам дека се работи за човечки фактор кој влијаел да дојде до сето ова, а доколку сето тоа се потврди – да одговара пред лицето на правдата“ изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Share
Scroll to Top