Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг

Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг

пред 4 часа

Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со големата акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“ а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини како и премиерот, Христијан Мицкоски.

Ѓорѓиевски, останатите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација која ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во Вардариште и слично.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.

Инаку денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој кажа седницата е чин каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.

„Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: Да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор“, објави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека Градот ќе обезбеди поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт и дека ќе обезбеди јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.

„Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација“, рече Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top