„Јавноста бара одговори, а добива уште една сцена на политичка формалност“, велат од Блупринт групата за реформи во праводуството за комисијата за Кочани

„Јавноста бара одговори, а добива уште една сцена на политичка формалност“, велат од Блупринт групата за реформи во праводуството за комисијата за Кочани

пред 3 часа

Јавноста бара одговори, но наместо одговорност, добива уште една сцена на политичка формалност. Семејствата уште еднаш беа оставени да гледаат како институциите формално „дискутираат“, а суштински не се прават чекори кон конкретни мерки. Ваквата слика испраќа порака дека: дури и во ситуации со висока човечка цена и огромно јавно очекување, политичкиот интерес има поголема тежина од политичката одговорност.

Ова го констатира Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со расправата на Постојаната анкетна комисија за човекови права посветена на случајот со пожарот во Кочани, што се одржа на 9 декември.

На расправата беше разгледувана иницијатива поднесена од родителите на жртвите во трагедијата, преку здружението 16 Март 2025 – Кочани.

Според Блупринт групата, расправата повторно го потврдила она на кое со години укажуваат граѓанските организации: институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален.

„Трагедијата во која загинаа 63 лица не е резултат само на индивидуални пропусти, туку таа е директна последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и отсуство на вистинска политичка волја за реформа.

Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците. Уште на самиот почеток се предложи расправата да се одложи, па дури и целосно да се избегне, под изговор на ненадлежност, пристрасност и влијание врз судските и истражните постапки. Исто така, кога медиумите ја напуштија салата, истото го сторија и голем број пратеници и високи поканети гости, меѓу кои и Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Републиката, без најавување или оправдување на отсуството од понатамошниот тек на дискусијата“, се наведува во соопштението.

Од таму велат дека перцепцијата е дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност.

„Родителите на жртвите во своето обраќање јасно побараа правда, а пратениците, речиси без исклучок, повторија дека „системот не функционира“. Во текот на расправата само три до четири пратеници понудија конкретни и конструктивни предлози. Притоа, перцепцијата беше дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност. Токму затоа го поставуваме прашањето: кој е системот? Ако системот не функционира, мора конечно да биде јасно кој го сочинува и зошто никој не понел политичка одговорност за децениските пропусти. „Системот“ не е само апстрактен поим, тоа се Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите институции што треба да создаваат, контролираат, надгледуваат и санкционираат. Кога нема одговорност, тогаш системот не е нефункционален по случајност, туку по нечие недејствување“, велат од групата.

Од таму сметаат дека Комисијата има и морална и институционална обврска, како и уставна должност да донесе конкретни заклучоци и јасни чекори што ќе доведат до утврдување политичка одговорност и решение за тоа како системот да стане функционален.

„Како Блупринт група бараме: сериозен, доследен и итен процес – без релативизирање, без одолговлекување и без политичка апстракција. Притоа, посочуваме дека мора да се внимава да не се предизвика ревиктимизација на родителите и преживеаните“, велат од Блупринт групата и додаваат дека бараат трагедијата во Кочани конечно да биде третиранa како приоритет и пратениците обединето да настапат во заштитата на човековите права на граѓаните.

Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Текстот „Јавноста бара одговори, а добива уште една сцена на политичка формалност“, велат од Блупринт групата за реформи во праводуството за комисијата за Кочани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top