Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, го презентира предлог-буџетот за Министерството за внатрешни работи за 2026-та година. Според него, станува збор за финансиски план со цел да ја модернизира полицијата и да ја подигне оперативната готовност на повисоко ниво, а со тоа да обезбеди поквалитетни услуги за сите.
„Само во програмата „безбедност“, за идната година предвидени се 16,4 милијарди денари, што претставува зголемување во споредба со овогодинешниот буџет. Додека пак потпрограмата „јавна безбедност“ добива 14,55 милијарди денари, што е драматично зголемување од 17,9%, односно дополнителни 2,2 милијарди денари. Повисоки се и средствата предвидени за плати и надоместоци, за што се предвидени 11,3 милијарди денари, односно 3,7% повеќе. Јасна порака дека државата инвестира во стабилноста и сигурноста“, рече тој.
Преку предлог буџетот, додаде Јамалов, јасна е и намерата на Владата дополнително да ги унапреди и професионализира полициските служби.
„За реформи во полицијата се предвидени 1,24 милијарди денари. Центарот за обука добива 75 милиони денари, за континуирано стручно унапредување на кадрите. Додека пак за борба против тргување со луѓе и илегална миграција се предвидуваат 1 милион и 250 илјади денари, што е зголемување од 25%, директно насочено кон јакнење на контролата врз тоа кој се поминува низ Македонија“, рече пратеникот.
Јамалов истакна дека најзначително зголемени вложувања има во опрема, нови возила, современи технолошки системи и модернизирани простории, клучни за поефикасно и модерно функционирање на МВР, а со тоа, како што кажа, и зголемен морал и елан кај полициските службеници.
Текстот Јамалов: Буџетот за јавна безбедност драматично зголемен на 14,55 милијарди денари е превземен од МАКФАКС.





