Јаневска: Никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку

Јаневска: Никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку

пред 4 часа

Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку и се намалува соодносот наставници спрема ученици, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција во Владата, на која презентираше отчет за двегодишната работа на Министерството за образование и наука.

Од поважните тековни процеси, Јаневска ги издвои токму оптимизацијата на училишната мрежа и едносменското работење воведено во над 200 училишта.

Јаневска рече дека пред две години кога дошла на функција затекнала катаклизма. „Запревме понатамошен пад и со одговорно и посветено работење сега веќе го подигнуваме квалитетот на образованието и ја раздвижуваме науката“, рече таа.

Јаневска нагласи дека во изминатите две години се реализирани бројни реформи насочени кон подобрување на условите и можностите за учениците, студентите, наставниците и научната заедница.

Меѓу најзначајните достигнувања ги посочи обезбедената системска поддршка за талентираните ученици и целосното покривање на трошоците за пат и котизација при учество на меѓународни олимпијади, зголемувањето на бројот и видовите на стипендии, унапредувањето на стручното и дуалното образование во кое се вклучени 1000 компании и формирани се седум регионални училишни центри, воспоставувањето стабилен систем за навремена набавка и испорака на учебници, растот на платите на наставниот кадар и финансиската поддршка за реализација на научно – истражувачки проекти од национален интерес.

„Трета година по ред, сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици кои со години недостигаа“, рече министерката, додавајќи дека свежи се сеќавањата кога децата пред неколку години се снаоѓаа копирајќи скрипти, за што беа предупредувани дека ќе следуваат казни за нив и нивните родители.

Таа информираше дека значително е зголемена поддршката за учениците со посебни образовни потреби преку ангажирање на 1.350 образовни асистенти во основното и за прв пат 150 асистенти во средното образование. Дополнително, овозможено е образование во хибриден формат за ученици кои подолго време се на болничко или домашно лекување, а зајакната е и поддршката за образованието на помалите заедници во земјата.

Во делот на студентскиот стандард, Јаневска посочи дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк за да можат да го користат и постдипломците и вработените студенти, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби.

„Новиот Закон за високо образование кој го предлагаме, предвидува најдобрите студенти во секоја генерација, добитниците на инженерски прстен и други државни признанија, да имаат предност при вработување во јавните високообразовни и научни установи“, додаде министерката.

Во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра за повеќе од 90 проекти. Јаневска ја издвои изградбата на десетина нови училишни објекти и четири спортски сали, реконструкцијата на студентските домови, деблокираната изградба на новиот објект за ФИНКИ и отпочната постапка за изградба објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

Министерката потенцираше дека во 160 училишта е инсталирана нова ИТ опрема и обезбеден безбеден пристап до интернет, додека над 1.000 наставници се обучени за примена на вештачка интелигенција во наставата.

Јаневска кажа дека во првите две години од мандатот платите се зголемени за над 20 проценти, а со потпишаната спогодба со СОНК е обезбедено нивно континуирано зголемување во период од четири години.

„Продолжува кариерното напредување на наставниците и стручните соработници во основното образование, а за прв пат годинава е воведено и во средното. Со новиот електронски дневник пак, наставниците се ослободени од бројни административни обврски кои ги имаа во минатото, но и заштитени се од притисоците за менување оценки на крајот од годината“, рече министерката.

Во високото образование и науката, буџетот за универзитетите е зголемен од 3 милијарди денари во 2022 година на 8 милијарди денари во 2026 година, додека буџетот за наука е зголемен од 380 на 773 милиони денари. Во 2025 година се доделени над 370 милиони денари за научно-истражувачки проекти од национален интерес, а за кадарот на факултетите и научните установи е обезбеден бесплатен пристап од базите Web of science и Scopus.

Јаневска потсети дека министерството во 2024 година наследило долгови од околу 5 милијарди денари, кои беа сервисирани за да се обезбеди нормално функционирање на образовниот систем.

„Запревме слободен пад и сега веќе Македонија забрзува. Образованието и науката се столб на развојот и затоа остануваме посветени на реформите кои ќе обезбедат подобри можности за младите и поконкурентна држава“, порача министерката.

Текстот Јаневска: Никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top