Јаневска од Летната школа за зелени и дигитални вештини: Загадувањето на водата, почвата и воздухот се најголемите ризици, или ќе делуваме решително, или сериозно ќе ја загрозиме иднината на нашите деца

Јаневска од Летната школа за зелени и дигитални вештини: Загадувањето на водата, почвата и воздухот се најголемите ризици, или ќе делуваме решително, или сериозно ќе ја загрозиме иднината на нашите деца

пред 3 часа

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја отвори Летната школа на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), што од денес до 18 септември ќе се одржува на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и ќе опфати клучни теми поврзани со проценка на квалитетот на воздухот, почвата и водата, значајни за реализација на Европската зелена агенда.

„За Македонија, како економија во процес на пристапување кон Европската Унија, оваа школа е можност за јакнење на капацитетите и јасна потврда дека сме подготвени да бидеме сериозен европски партнер што активно придонесува кон заедничките цели и ја гради својата иднина врз европските вредности“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека учесниците од редот на напредни студенти, докторанди и млади истражувачи, ќе имаат ретка можност да се запознаат со истражувачки алатки, да разменат знаења и да ги прошират контактите со колеги од Западен Балкан.

Учесниците на Летната школа кои доаѓаат од земјава и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, ќе можат да учат директно од научници на Заедничкиот истражувачки центар и од експерти како да ги користат алатките на JRC за проценка на емисии и влијанија, ќе се запознаат со иновативни методи за подобрување на квалитетот на водата и здравјето на почвата и ќе стекнат увид во напредни техники за мерење.

„Загадувањето на водата, почвата и воздухот се најголемите ризици за здравјето на сите нас во Европа. И, се чини дека измина времето кога се прашувавме дали владите ќе преземат сериозни чекори за промени. Сега, пред нас стои јасен ултиматум: или ќе делуваме решително, или сериозно ќе ја загрозиме иднината на нашите деца“, посочи Јаневска.

Говорејќи за неопходноста од научен пристап и одржливите решенија, министерката Јаневска нагласи дека тие се во основа на промените. Рече дека Министерството за образование и наука ја става науката и истражувањата во центарот на своите политики, создавајќи услови за научна работа преку модерни лаборатории, поддршка на иновации и интегрирање на зелената и дигиталната транзиција со Стратегијата за паметна специјализација.

„За да задржиме континуитет на научната мисла, од година во година ги зголемуваме средствата за научно-истражувачка дејност. Државните факултети, научните институти, МАНУ и јавните научни установи можат да конкурираат со свои научно-истражувачки проекти за државно финансирање. Во 2025-26 година, само по овој основ, се доделени 6 милиони евра буџетски средства. Во рамката за поддршка на науката ги вклучуваме сите релевантни чинители, вклучително и бизнис секторот“.

Коорганизатор на Летната школа е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој е стратешки регионален и европски партнер на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

Текстот Јаневска од Летната школа за зелени и дигитални вештини: Загадувањето на водата, почвата и воздухот се најголемите ризици, или ќе делуваме решително, или сериозно ќе ја загрозиме иднината на нашите деца е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top