Јаневска: Со двојно зголемен буџет во период од две години, значително ја раздвиживме науката во Македонија

Јаневска: Со двојно зголемен буџет во период од две години, значително ја раздвиживме науката во Македонија

пред 3 часа

Во Скопје денес започна четвртиот Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на УКИМ. На отворањето на собирот се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска која рече дека во високото образование, науката и истражувањата, многу се важни меѓународните вмрежувања и мобилноста и дека тоа е единствениот начин за размена на искуства и добри практики со глобалниот свет, но и за заеднички проекти.

„Како Влада имаме став дека без наука нема општествен развој, па оттука, кога пред две години го започнавме раководењето со институциите, одлучивме да преземеме крупни мерки кои ја раздвижија научно – истражувачката дејност во Македонија. За две години буџетот за наука го зголемивме повеќе од двојно. Во 2025 година финансиравме 50тина научно – истражувачки проекти од јавен интерес, во вкупна вредност од 6 милиони евра, a zа нашите професори, научници и студенти обезбедивме бесплатен пристап до познатите глобални научни бази – Web of science и Scoopus“, рече Јаневска.

Министерката посочи и дека е посебно задоволна од зајакнатата соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, кој ги отвори вратите на своите лаборатории за македонскиот научен и истражувачки кадар, а воедно Центарот помогна под негово покровителство во Македонија минатиот месец да биде организирана и првата летна научна школа за земјите од Западен Балкан.

„Ќе споменам и дека изготвивме целосно нова законска рамка за наука и високо образование. Пакетот од три закони е во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината да биде усвоен, за повеќе и подобри можности за нашите професори, научници, истражувачи. Повеќе можности и за наставно – научниот и истражувачки подмладок. Најдобрите студенти одликувани со инженерски прстен или друго признание за успех, добиваат предност при вработување на факултетите“, нагласи Јаневска.

Посакувајќи успешен конгрес, министерката им порача на професорите и студентите да продолжат да придонесуваат кон образованието и развојот на научната мисла во областа на медицината, а со тоа да помогнат и во заложбите за подобрување на здравствениот систем и здравјето на граѓаните.

Текстот Јаневска: Со двојно зголемен буџет во период од две години, значително ја раздвиживме науката во Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top