Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот портедок на секоја демократска држава. Притоа, правото мора да биде еднакво достапно до секој граѓанин, а институциите да обезбедат тоа да важи за сите подеднакво, бидејќи селективната правда е најголема неправда, истакна денеска Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески во онлајн обраќањето на Меѓународната конференција „Судска реформа. Специјализирано правосудство“, што ја организираше Јавното обвинителство на Република Бугарија.
„Борбата со организираниот криминал и корупцијата нема да ја постигне својата цел ако се води селективно и по желба и интерес на политички и економски моќници. Таа треба да биде неселективна и да се спроведува со заеднички напори на сите одговорни во државата, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики на развиените демократии“, нагласи Јовески.
Во тој контекст, тој особено ја потенцираше важноста на меѓународната соработка, но и на специјализирани јавни обвинители кои постапуваат против овој вид тешки кривични дела.
За улогата на специјализираното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во македонскиот правосуден систем зборуваше основниот јавен обвинител на ова обвинителство Вилма Русковска.
„Структурата на кривичните дела што се во надлежност на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а кои многу често се извршени во организирана форма, од страна на група, која во бројни случаи е и меѓународна, резултира со спроведување на обемни и сложени предистражни и истражни постапки, кои често опфаќаат и примена на посебни истражни мерки. Сето ова укажува на динамиката и комплексноста на работата на јавните обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при совладување на приливот“, рече Русковска во своето онлајн обраќање.
Конференцијата ја прогласи за отворена Главниот јавен обвинител на Република Бугарија Иван Гешев, кој констатираше дека и земјите-членки на европската унија се соочуваат со потребата од реформи во правосудството, но и со реални опасности за владеењето на правото и основните демократски вредности.
На форумот учествуваа и претседателот на Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент Адриан Лазара, претседателот на ЕUROJUST Ладислав Хамран, генералниот секретар на Меѓународната асоцијација на јавните обвинители Хан Мораал, како и високи претставници од обвинителствата на Шпанија и Италија.