Јавниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека сеуште не може да се каже која е причината за незгодата.
„Можни се два фактори, човечкиот фактор или пак техничката неисправност на возилото“, изјави Јовески пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници од денешната автобуска несреќа.
„За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата“, истакна тој и појасни дека станува збор за пообемни вештачења.
Додаде дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.
„Телата се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши“, изјави Јовески.
„Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се убрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија“, вели Јовески.
Државниот јавен обвинител изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите вели дека е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат се што е неопходно за повредените патници.