ЈП Комунална хигиена доби донација 60 контејнери за стакло

пред 3 години

Денеска, во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, беше потпишан Договорот за донација на 60 садови за одлагање стаклена амбалажа меѓу ЈП Комунална хигиена-Скопје, Градот Скопје и Германското друштво за интернационална соработка-ГИЗ. Донацијата е реализирана преку ЗЕЛС и ГИЗ и се спроведува во рамките на проектот „Управување со отпад од стаклена амбалажа на Западен Балкан”.

Трипартитниот Договор за донација беше потпишан од страна на директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов и проектниот менаџер на ГИЗ, Зорица Билиќ.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје веќе има поставено 238 садови за одлагање стаклена амбалажа во сите скопски општини, коишто граѓаните ги употребуваат за примарна селекција на својот отпад. Планираме 35 контејнери од садовите што денеска ни беа донирани преку ЗЕЛС и ГИЗ да бидат поставени во општината Гази Баба, а 25 од контејнерите да бидат лоцирани во општината Аеродром.

Во текот на 2020 година, во центрите за селекција на ЈП Комунална хигиена-Скопје беа транспортирани над 465 тони стакло и се надеваме дека годинава овој тренд уште повеќе ќе се подобри.

Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина.“- изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Share
Scroll to Top