Ќе се врши анализа дали материјалите кои гореле во „Треска“ биле закана по здравјето на граѓаните

пред 3 години

Кризниот штаб на Општина Центар денеска заедно со другите надлежни институции во понеделник ќе одржи состанок за начините на чистење на отпадот и анализа на последиците од пожарот кој минатата недела изби во поранешната фабрика „Треска“.

„Какви материјали гореле и дали истите биле закана по здравјето засега можеме само да претпоставуваме. Откако ќе се изврши анализа од стручните институции ќе имаме прецизен увид, но и ќе донесеме одлука за следните чекори како најбрзо и најбезбедно да го отстраниме целиот отпад и расчистиме просторот. Општината ќе се координира со останатите надлежни институции и ќе преземеме соодветни мерки“, вели градоначалникот Герасимовски.

Општина Центар ќе побара од овластени лаборатории за животна средина да извршат мерења и достават извештаи од мерењата, како би се одредиле следните чекори.

По овој состанок и насоките од институциите надлежни за овој проблем, Општина Центар ќе ги знае следните чекори и за истите ќе ги извести сопствениците.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, практично по стапувањето на функција, неколкупати досега во своите јавни настапи предупредуваше од можноста за еколошка катастрофа на местото на поранешната фабрика „Треска“, споредувајќи ја сега состојбата таму дури и со Чернобил.

„Повеќе пати сме апелирале за изнаоѓање издржано решение за отпадот кој се наоѓа таму, но поради објективни причини, локацијата сè уште не е исчистена. Чистењето на локацијата е и обврска на сопствениците на објектите. Досега до општината се пристигнати 28 барања за отстранувања на објекти од страна на сопствениците и истите се уште се во постапка“, рече Герасимовски.

Тој потенцира дека приоритет на општината е што поскоро безбедено да се расчисти целиот простор кај „Треска“ и да се стави крај на ваквите немили настани, бидејќи поголеми и помали пожари се случувале во изминатиот период повеќе пати. Покрај ова, старите хали се предмет на грабежи, а локалните жители се чуствуваат небезбедно.

Зависно од исходот и заклучоците на Кризниот штаб, потенцираше Герасимовски, можно е да се спроведе и забрзана постапка за издавање дозвола за рушење на објектите, со цел побрзо отстранување на опасниот азбестен отпад и како примарно, поголема безбедност на граѓаните.

Share
Scroll to Top