Опозицијата од Собранието повторно побара итно свикување на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата и почитување Деловникот, со што конечно ќе се откочи работењето на Уставниот суд, во кој има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде девет.
Пратеничката и заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова обвини дека СДСМ и ДУИ заедно го кочат изборот на Уставни судии, а државата нема функционален Уставен суд поради желбата за партизација од власта.
Според неа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го става Собранието во подредена улога на извршната власт.
„СДСМ – ДУИ преку Талат Џафери тенденциозно го блокираат изборот за Уставни судии, додека не се создаде ново мнозинство во Комисијата, со што би се избрале кандидати кои ќе го допартизираат судот, по примерот со Кацарска. Па оттука произлегува дека токму на СДСМ и ДУИ не им одговара функционален и целосен Уставен суд, имајќи во предвид дека во изминативе неколку години се донесоа голем број на противуставни закони, а уште толкав број се во процедура во Собранието. Вчера бевме сведоци на најава од страна на Талат Џафери дека планира повторно да го прекрши Деловникот и да создаде ново мнозинство во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Зошто му е потребно ново мнозинство кога до вчера гласовите на партијата БЕСА, додека тие беа дел од Владата, беа добри?“, рече Панова.
Од опозицијата велат дека Македонија има партизирано судство и политички обвиненија затоа што изборот на судии се прави по клуч на власта.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека Џафери, Ковачевски и сите инволвирани во запоседнувањето на институциите треба да знаат дека за сите преседани и нелегални дејствија кои ги прават ќе следи одговорност, како пред граѓаните на избори, така и пред институциите.