Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во придружба на премиерот Талат Џафери и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, за време на престојот во Брисел, денес, ја посетија македонската амбасада, каде што покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку мобилната станица се врши сликање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи.
„Амбасадата во Брисел и сите други дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија целосно ја реорганизираа својата работа во делот на конзуларната проблематика со цел излегување во пресрет на интересите и потребите на нашите граѓани кои живеат и работат во странство. Секое барање од наш државјанин значи обврска за сите нас, особено за дипломатите во претставништвата, со цел давање на брз, ефикасен и квалитетен одговор. Ова е период кога сите ние сме дополнително посветени за соочување со овој предизвик наметнат од енормното зголемување на барањата за конзуларни услуги особено во делот на патните исправи” – истакна Османи, запознавајќи се одблиску со актуелната состојба во Амбасадата врзано за оваа проблематика.
Џафери, Маричиќ и Османи разговараа со наши државјани кои се наоѓаа во просториите на Амбасадата и ги уверија дека се прават максимални напори истите да не се соочуваат со никаков проблем во државата каде што живеат, поради обврската за обновување на личните документи која произлегува од Договорот од Преспа.
„Издавање на патните листови без надомест за сите државјани кои живеат во странство и имаат потреба да се вратат во земјата за да извадат нови патни исправи, како и достава на патниот лист преку брза пошта таму каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва се само дел од решенијата. Следува организирање на конзуларни денови и други видови на олеснувања за граѓаните во странство, за кои нашите претставништва беа инструирани и наскоро следи објава на планот”, информираше министерот.
Османи ги брифираше нашите државјани дека времетраењето на изработката на пасоши кое е многу подолго од вообичаените рокови кои постоеја до неодамна е главната причина зошто периодот за врачување на изготвените пасоши во нашите претставништва е значително подолг од досегашната пракса која имаше просек од 30 дена.
Министерството за надворешни работи располага со ограничен број на базни и мобилни станици. Една од мобилните станици е токму во Амбасадата во Брисел која во координација и соработка со Амбасадите во Хаг и Париз врши услуги за сликање и земање на биометриски податоци и за нашите државјани во Холандија и Франција.
Инаку, во текот на 2023-та година, Амбасадата во Брисел има обработено вкупно 2.488 предмети, од кои 1.127 издадени патни исправи и 523 патни листови; во Париз се обработени 1.083 предмети, меѓу кои 390 патни исправи и 242 патни листови; додека во Хаг вкупно 1.076, со 340 патни исправи и 72 патни листови.
Во нашата Амбасада во Брисел, беше оставрена средба и со добитникот на МКартата во Белгија, со цел врачување на истата. Министерот Османи изрази благодарност за покажаниот интерес за проектот МКарта, како значајно вмрежување на нашите најдобри претставници од дијаспората во светот и одличен пример за врската на овие личности со нашата земја.
Текстот Џафери, Османи и Маричиќ во мобилната станица за патни исправи во Брисел: „Работиме на нови олеснувања“ е превземен од МАКФАКС.