Со кревање на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечерва во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која започнуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.
Програмата ќе започне претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот пред Столбот на Крушевската Република, кај црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, ќе бидат пречекани Илинденските коњаници, по што ќе биде формирана поворка која ќе се упати кон платото на Гумење.
Организаторите очекуваат учество на околу 120 до 140 коњаници од повеќе места во Македонија.
Во рамки на програмата, делегации ќе ги посетат и ќе им оддадат почит на значајните историски обележја – гробот на Питу Гули на Гумење, споменикот на Партизанските гробишта, гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко на Гумење.
Во 19:30 часот пред споменикот „Илинден“ ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“.
Свеченото отворање на манифестацијата ќе се одржи во 20 часот на Гумење. Предвидени се обраќање на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – симбол на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечениот дел на Гумење, музичка програма ќе има и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
„Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк“, рече Ангелеска.
Централното чествување на Илинден ќе се одржи утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
Текстот „10 Дена Крушевска Република“ стартува вечерва, Крушево се подготвува за Илинден е превземен од МАКФАКС.






